четврток, 02 февруари 2012, 16:01
Полицијата фати двајца ловокрадци на еребици
Полицијата при контрола на патот Сарандиново-Ропотово, во општина Долнени, во автомобил пронајде три еребици и пушки. Двајцата ловџии со иницијали С.Т и М.Т, жители на Дебреште ќе одговараат за ловокрадство.
На ловокрадците полицијата им ги одзела еребиците и пушките и се пратени на вештачење. Од ловечкото друштво „Мукос” од Прилеп појаснуваат дека ловот на еребици е забранет од 15 декември, а казните за ловокрадците се ригорозни и изнесуваат и до 3.000 евра.
Од ловечкото друштво „Мукос”, кое ги очекува резултатите од неодамна завршениот тендер за концесионерство, велат дека не се чести кражбите на еребици, а една од причините сметаат се високите казни. Очекуваат полицијата да поднесе кривични пријави за ловокрадство, а и друштвото ќе пријави оштетно побарување, кое според законот е 200 евра од една еребица.