вторник, 28 декември 2010, 15:44
Поконкретни резултатите на економските промотори се очекуваат во 2011
Македонските економски промотори интензивно преговараат и остваруваат контакти со потенцијалните странски инвеститори, но потпишување договори за конкретни проекти се очекуваат од идната година.
Ниските даноци, слободните индустриски зони и конкурентната работна сила остануваат главните адути за привлекување странски капитал.
- Со сигурност можам да кажам дека во последниот квартал од годинава бројот на компании, квалитетот на посетите и интересот се зголемени. Сметам дека во првата половина од 2011. би се реализирале три до четири инвестиции од оние со кои моментно сме во крајни преговори, изјави директорот на Агенцијата за привлекување странски инвестиции Виктор Мизо пред денешната средба со економските промотори на која учествуваат и вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, како и министерот за економија Фатмир Бесими.
Владата, како што рече Пешевски, е релативно задоволна од капацитетот на тимот промотори и од она што тие досега го сработиле.
- Релативно сме задоволни, но се разбира, може подобро. Затоа се зголемува и бројот на држави, се менува составот на промоторите, но и моделот на мерење на нивните перформанси. Правиме прилагодувања и тоа е важно, да не се стои во место, нагласи Пешевски.
На средбата се присутни и претставници од бизнис-заедницата по повод новите, дополнителни ингеренции на економските промотори - промовирање на извозот.
Моментно вкупно 19 економски промотори работат на привлекување странски инвестиции во повеќе земји. До средината на идниот месец на оваа функција треба да бидат испратени уште тројца, а согласно предвидувањата на Агенцијата, до крајот на 2011. бројката на економски промотори во странство треба да достигне 29.
За одредени земји како што е Северна Кореја тешко се наоѓаат кандидати од аспект на возраст, познавање јазик или образование воопшто. Засега ротирање на промоторите не се планира зашто евалуацијата се уште не е завршена.
Директорот на Агенцијата Мизо е најмногу задоволен од сработеното во Турција, Австрија, САД и Германија.