вторник, 21 февруари 2012, 15:49
„Лимак Холдинг“ од Турција ќе ја гради подземната сообраќајница
Компанијата „Лимак Холдинг“ од Турција е избрана за најповолен понудувач на денешното јавно електронско наддавање за отуѓување на градежно земјиште кое со ДУП Стара железничка станица на општина Центар, е предвидено за изградба на комунална инфраструктура, комунална супраструктура, мали комерцијални и деловни единици, големи трговски единици, големи угостителски единици, деловни простории и хотелски комплекси со компатибилни класи на намени.
Компанијата „Лимак“ на електронското јавно наддавање за градежната парцела со површина од 31.929 метри квадратни понуди вкупна цена од 201.152.700 денари.
Најповолниот понудувач за оваа локација има обврска, на свој трошок и во целост да ја изгради подземната сообраќајница, предвидена согласно ДУП Стара железничка станица и по изградбата, без надомест, да ја предаде во владение на Град Скопје.
- Најповолниот понудувач е должен пред склучување на договорот за отуѓување на градежното земјиште предмет на оваа објава, а во рок не подолг од 20 дена од завршувањето на постапката за јавно наддавање, да склучи договор со Градот Скопје со кој ќе ги уреди односите за изградба на подземна сообраќајница, што ќе бидат обврска на најповолниот понудувач, предвидена согласно ДУП Стара железничка станица, а пред склучување на договорот за отуѓување на градежното земјиште предмет на оваа објава, во рок не подолг од 15 дена од завршувањето на постапката за јавно наддавање, да достави банкарска гаранција за навремено и квалитетно завршување на работите во износ од 500.000 евра, со рок на важност до крајниот датум за завршување со изградбата на градбите предмет на договорот за отуѓување на градежно земјиште, појаснуваат од Министерството за транспорт и врски.
Компанијата „Лимак Холдинг“ претставува една од најголемите инвеститори во Република Турција која од 1976 година работи со инвестиции во градежништвото, туризмот и енергетиката. Оваа компанија е сопственик на еден од најголемите хотелски синџири во Турција и Кипар, со континуиран пораст, а оперира и со повеќе хидроелектрани во Турција и Грузија, како и со аеродромите „Сабиха Гокчен“ во Истанбул и меѓународниот аеродром во Приштина.
Јавната објава за отуѓување на оваа локација беше објавена во печатените медиуми и на интернет, а со цел анимирање на сите заинтересирани инвеститори за неа беа информирани економските промотори и дипломатските претставништва на Република Македонија.