вторник, 21 февруари 2012, 09:55
Бизнис билтен
Брисел - По повеќе од 12 часа преговори министрите за финансии на државите од еврозоната постигнаа договор за заем за Грција за уште 130 милијарди евра и со тоа државата да се спаси од банкрот.
По договорот, вредноста на еврото се зголеми за 0,7 отсто достигнувајќи 1.328 спрема доларот.
Техеран – По еден ден откако официјален Техеран го прекина снабдувањето со нафта на Франција и Британија, заменикот министер за енергетика на Иран Ахмад Калебани изјави дека Иран ќе го прекине извозот на нафта и во некои други членки на Европската унија ако тие продолжат со своите „непријателски активности“.
Багдад – Извозот на нафта од Ирак се намали во јануари, но приходите од продажбата на нафта се зголемија, поради повисоката цена по барел, соопшти Министерството за енергетика во Багдад. Во соопштението се наведува дека Ирак во јануари извезла 65,3 милиони барели сурова нафта, во однос на 66,5 милиони од претходниот месец, додека приходите од продажбата на нафта во јануари изнесувале 7,123 милијарди долари, што е повеќе од декемвриските 7,061 милијарда.
Франкфурт – Грција, која се наоѓа на работа на банкрот „не претставува закана за светската економија“, изјави Јерг Асмусен член на извршниот одбор на Европската централна банка. „Без оглед на тоа, останатите земји очекуваат од нас да најдеме решение. Состанокот на Г20 кон крајот на оваа недела во голема мера ќе биде напредок кон изнаоѓање на решение“, рече тој.
Подгорица – Советот за приватизација, со кој претседаваше премиерот на Црна Гора Игор Лукшиќ, усвои план за приватизација за тековната година, со кој се предвидува продажба на 11 компании кои моментално се наоѓаат во мнозинска државна сопственост.
Париз – Во Франција довербата на индустријалците во февруари повторно е лоша, но сепак остана на стабилно ниво од 92 поена, како и во јануари, што е „далеку под“ долгорочниот просек, покажуваат објавените официјални податоци на францускиот Завод за статистика ИНСЕЕ.
Токио – Јапонскиот трговски дефицит забележа нов рекорд во јануари бидејќи поради минатогодишната нуклеарна катастрофа дојде до раст на увоз на горивото, додека извозот беше погоден од силниот јен и падот на побарувачката во Европа. Трговскиот дефицит во јануари изнесуваше 1,475 милијарди јени (18,5 милијарди долари) што е највисоко ниво од 1979 година, соопшти јапонското министерство за финансии.
Токио – Американската агенција за оценка на кредитен рејтинг „Стандард и Пурс“ предупреди дека може да го намали суверениот кредитен рејтинг на Јапонија, ако јапонската економија зајакне помалку од очекуваното, или ако јавниот долг на таа земја продолжи да се зголемува. „Стандар и Пурс“ го потврди рејтингот на Јапонија на ниво „АА-“, но со негативна прогноза, предупредувајќи дека зголемувањето на данокот не би ги решило спектакуларните проблеми кои ги зголемуваат трошоците за социјална заштита и го зголемуваат притисокот на државната каса.
Рим – Индустриските порачки во Италија во декември пораснале за 5,5 отсто по ноемврискиот раст од само 0,1 отсто, иако на годишно ниво забележале пад од 4,3 отсто, покажуваат објавените официјални податоци на италијанскиот Завод за статистика Истат.
Рим – Италијанскиот производител на луксузни автомобили „Ферари“ забележа рекордна продажба ланската година, со приход над 2,3 милијарди евра, наспроти тешката стопанска состојба.
Мумбај – Индиската група „Тата мотори“ забележа силен раст на профитот во третото тромсечје ланската година, благодарение на растот на продажбата на нејзината британска филијала „Јагуар и Ланд ровер“ која се бави со производство на луксузни автомобили. Приватната компанија „Тата мотори“ соопшти дека нето профитот на групацијата пораснал 41 отсто во третото тромесечје на рекордни 34,1 милијарда рупии (692 милиони долари), во споредба со истиот период минатата година од 24,2 милијарди рупии.
Тајпеј - „Фокскон“ кој монтира некои уреди на „Епл“, одлучи да ги зголеми платите и да ги намали дополнителните работни часови на своите вработени, сметајќи дека е „цел“ на критики поради условите за работа во своите кинески фабрики, пренесоа француски електронски медиуми. „Фокскон“ објави дека платите на работниците во неговите кинески фабрики веднаш ќе се зголемат за 16 до 25 отсто, за да се достигне минимум од 400 долари месечно.
Атина – Приходите на Грција од клучниот туристички сектор се зголемија лани за 9,45 отсто, во време кога таа земја се бореше да ја спаси својата економија, загрозена од разорната должничка криза, соопшти грчкото Здружение на туристичките агенции. Во соопштението се наведува дека, според податоците на централната банка на Грција која е погодена од кризата, во 2011 година собрала над 10,5 милијарди евра приходи од туризам.
Копенхаген – Данската пивара „Карлсберг“ соопшти дека нејзиниот нето профит е три пати зголемен во последниот квартал во 2011 година на 912 милиони дански круни (161 милион долари) од 316 милиони круни во истиот период лани, додека целогодишниот профит забележал пад од 4 отсто на 5,1 милијарда круни, од 5,4 милијарди круни во 2010 година.
Москва – Пиварата „Карлсберг“ ќе почне со откуп на преостанатите 15 проценти акции на најголемиот руски производител на пиво компанијата „Балтик“, за да обезбеди подобро управување со таа фирма, во услови на слабење на својот удел на рускиот пазар. Данската компанија објави дека ќе инвестира 6,5 милијарди дански круни (1,15 милијарди долари) за да обезбеди 100 процентна сопственост на „Балтик“. Како што очекува концернот цената нема да биде повисока од 1.550 рубљи за една акција (околу 51 долар).