Rss feed

Економија

понеделник, 20 февруари 2012, 18:20

Кристин Лагард ги поздрави „големите напори“ на Грција

Кристин Лагард ги поздрави „големите напори“ на Грција
Грција вложи „многу големи напори“ за да го добие вториот спасувачки план што ќе и овозможи да го избегне банкротот, изјави денеска во Брисел извршниот директор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) Кристин Лагард, цитирана од француските медидуми.

-Грција очигледно направи многу големи напори (...) Грчкиот народ вложи значителни напори, сега треба и другите земји да направат напори и ММФ е подготвен да работи врз оваа основа, рече Лагард на пристигнување на средбата на министрите за финансии од еврозоната.

Грчкиот министер за финансии Евангелос Венизелос изрази оптимизам пред средбата, на која се очекува да се даде „зелено светло“ за новата помош за Грција.

И германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле е оптимист за можноста денеска да се постигне спогодба за спречување на банкротот на Грција. Шојбле е оптимистички настроен за наоѓањето „трајно решение“.

Претседателот на Еврогрупата Жан-Клод Јункер, пак, изјави дека државната помош, ветена на Грција како дел од вториот спасувачки план, нема да може да надмине 130 милијарди евра, иако остануваат дупки за покривање, за да се постигнат првичните цели.

-Треба уште да го разгледаме вкупниот размер на втората програма, бидејќи нема да може да надминеме 130 милијарди евра, посочи Јункер, кога пристигна на заседанието на еврозоната.

Се очекува на денешната средба министрите да дадат начелна согласност за вториот план за поддршка на Атина, вклучувајќи и државна помош од 130 милијарди евра и делумно простување на грчкиот долг кај приватните кредитори, во вредност од 100 милијарди евра.



 

РУБРИКА Поврзани вести

Моментално нема вести кои се поврзани со оваа вест.


МРТ © 2010 - Сите права се задржани.