понеделник, 20 февруари 2012, 10:28
Бизнис билтен
Брисел - Министрите за финансии на земјите-членки на еврозоната денеска на состанок во Брисел треба да го разгледаат новиот финансиски пакет за помош на Грција во вредност од 130 милијарди евра. Доколку министрите го усвојат пакетот, приватните доверители како што се банките и осигурителните друштва, ќе отпишат дел од долгот на Грција со што вкупниот долг на земјата би можел да биде намален за цели 100 милијарди евра. Долгот на Грција достигнува 360 милијарди евра. Грција во 2010 година го доби првиот пакет помош од Европската унија и Меѓународниот монетарен фонд во вредност од 110 милијарди евра.
Атина - Грчката Влада го усвои пакетот мерки за штедење, кои од Грција го бараат Европската унија и Меѓународниот монетарен фонд, како услов за новиот пакет помош од 130 милијади евра. Одобрувањето на грчката Влада е формалност, бидејќи официјална Атина минатата недела на партнерите од еврозоната веќе им ги обелодени деталите од ребелансот на буџетот и намалувањето на платите во јавниот сектор во вредност од 325 милиони евра.
Вашингтон - САД ќе го поттикнат Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) да го поддржи договорот за економски реформи, постигнат од грчката Влада, изјави вчера американскиот министер за финансии Тимоти Гајтнер. - Тоа е еден многу солиден и многу тежок пакет реформи, што заслужува поддршка од меѓународната јавност и од ММФ. САД ќе го поттикнат ММФ да го поддржи договорот, истакна Гајтнер. Грчката Влада во саботата го одобри пакетот мерки за буџетско штедење, кои беа поставени од ЕУ и ММФ како услов за одделување на спасувачкиот заем од 130 милијарди евра.
Лондон - Германската Влада има изработено нацрт-план за исклучување на Грција од зоната на единствената европска валута, откако е утврдено дека грчкиот долг е толку голем, што веќе излегува од контрола. Нацрт-планот е направен без разлика дали на земјата ќе и бидат дадени или не новите 130 милијарди евра за покривање на нејзината неликвидност, пишува неделникот „Сандеј Телеграф“. Според лондонскиот неделник германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле врши притисок врз властите во Атина самите и што е можно побрзо да прогласат банкрот.
Вашингтон - Меѓународниот монетарен фонд планира да учествува со 13 милијарди евра во новиот план за спас на економијата на Грција, објави „Волстрит џурнл“. - Се уште не е донесена одлука за висината на средставта со кои ќе учествува ММФ, но се размислува за 13 милијарди евра, објави весникот повикувајќи се на неименувамни извори. Во мај 2010 година ММФ и даде заем на Грција во висина од 30 милијарди евра во рамките на меѓународниот план за спас на грчката економија од 110 милијарди евра.
Сараево - Претседавачот на Советот на министри на БиХ Вјекослав Беванда изјави дека на сите, па и на БиХ, може да и се случи „грчкиот синдром“, доколку постои неодговорност, живеење во илузија и несоочување со реалната ситуација. За подобрување на економската и фискална ситуација во БиХ, според него, потребно е да се повлечат радикални потези. Беванда најави дека приоритет во работата на новиот Совет на министри ќе биде буџетот за 2012.
Загреб - Хрватскиот сабор го одобри предлогот за зголемување на стапката на данокот на додадена вредност (ДДВ) од 23 на 25 проценти. Оваа основната стапка важи за сите стоки и услуги со исклучок на маслото и мастите, детската храна и водата, кои имаат стапка на ДДВ од 10 отсто. Новата стапка на ДДВ-то во Хрватска, која е втора по големина во Европа, ќе почне да се применува од 1 март.
Прага - Чешка, Велика Британија и неколку други европски земји подготвуваат иницијатива, која треба да изврши притисок за поголема „агресивност“ на Европскиот совет во врска со прашањата на економскиот раст на Унијата и функционирањето на нејзиниот внатрешен пазар. Писмото адресирано до претседателот на ЕС, Херман Ван Ромпуј освен чешкиот премиер, Петр Нечас и неговиот британски колега, Дејвид Камерон се очекува да биде потпишано и од холандска, шведска, естонска, италијанска и словачка страна, како и од други земји.
Берлин - Заштедите во Германија надминаа уште една граница - прв пат во историјата нивниот вкупен износ ја надмина сумата од десет билиони евра. Сојузот на германските банкари соопшти дека станува збор за износ добиен од заштедите во готовина, хартии од вредност и недвижнини на семејствата во Германија во третото тримесечие на 2011 година. Бернд Спренгер, финансиски експерт и историчар за финансии изјави дека во периодот по поразот во Втората светска војна во 1945 година, во таа земја е забележан постојан раст на вредноста на сопственоста во рацете на поединците.
Мадрид - Шпанија одлучи да ја продолжи за пет години експлоатацијата на најстарата нуклеарна централа во Гарона, во близина до Бургос, во северниот дел на земјата, изјави шпанскиот министер за индустрија Хозе Мануел Сорија. Тој нагласи дека оваа одлука била донесена бидејќи во услови на рецесија Шпанија не може да си дозволи целосно да не ги користи своите енергетски ресурси. Нуклеарката во Гарона работи од 1971 година и таа е најстарата активна нуклеарна централа во Шпанија.
Токио - Меѓународната агенција за определување на кредитните рејтинзи реши да го задржи сегашниот рејтинг на Јапонија на ниво „АА минус“, но даде негативна прогноза за идната перспектива на јапонската економија. Структурните проблеми, како што се намалувањето на номиналната вредност на бруто домашниот производ, како и зголемената социјална несигурност, ќе влијаат врз способноста на Јапонија да го намали својот буџетски дефицит, смета „Стандард и Пурс“.
Пекинг - Кина оваа година може да стане најголем светски пазар на злато, бидејќи во таа земја е забележан раст на побарувачката на овој скапоцен метал, соопшти Светскиот совет за злато. Количината на купеното злато во Кина се зголемила за 20 проценти во 2011 година во однос на претходната година на 770 тони, се наведува во годишниот извештај на Светскиот совет. Со тоа Кина се искачи на второто место, веднаш по Индија, која купила 933 тони злато.
Париз - „Релаксњуз“ одбраа пет производи од висока технологија кои жени во какви било прилики може да им ги подарат на своите мажи. Тоа се Галакси ноут на Самсунг, Таблет-Аркос 1010 Г9, USB приклучоци Стар ворс, слушалки Live'n и футрола за тастатура за Ајпед 2.