петок, 17 февруари 2012, 11:46
Русија и Македонија ќе ја прошират соработката во земјоделството
Министрите за земјоделство, шумарство и водостопанство на Македонија Љупчо Димовски и на Руската Федерација Елена Скриник во Москва потпишаа Меморандум за соработка меѓу двете министерства.
Министерот Димовски, кој ја предводеше македонската делегација што учествуваше на саемот во Москва „ПРОДЕКСПО-2012“, за руската новинска агенција ИТАР-ТАСС изјави дека меморандумот ќе биде добра основа за понатамошна соработка.
- Разменивме мислења и за насоките за привлекување руски инвестиции во македонската економија, рече министерот Димовски, додавајќи оти тоа може да се направи по пат на создавање откупно-дистрибутивни центри на македонска територија според поволни услови.
Тој информира дека е договорено да се формира работна група во сферата на земјоделството, која ќе биде дел од меѓувладината комисија.
Директорот на Македонско-руската стопанска комора Дејан Бешлиев, изјави дека трговската размена меѓу двете земји во 2011 година пораснала за 30 проценти и изнесувала 670 милиони долари.
- Имаме соработка со Стопанската комора на Руската Федерација и со регионалните комори - ростовската, самарската, нижегородската, сочинската, воронежската, липецката и вологодската, подвлече тој и потенцира дека се прават напори да се прошират врските по пат на приклучување на руските региони.
Што се однесува до перспективите во развојот на трговско-економските односи, според Бешлиев 2008 година е рекорден показател во динамиката на руско-македонската соработка.
- Меѓусебната трговска размена тогаш изнесуваше околу 960 милиони долари, појасни Бешлиев, посочувајќи оти во 2010 година оваа бројка изнесувала само 500 милиони долари, а според резултатите од 2011 година се зголеми до 670 милиони долари.