недела, 19 февруари 2012, 15:07
Заштедата на Германците надмина десет билиони евра
Заштедите во Германија надминаа уште една граница - прв пат во историјата нивниот вкупен износ ја надмина сумата од десет билиони евра.
Сојузот на германските банкари соопшти дека станува збор за износ добиен од заштедите во готовина, хартии од вредност и недвижнини на семејствата во Германија во третото тримесечие на 2011 година.
Бернд Спренгер, финансиски експерт и историчар за финансии изјави дека во периодот по поразот во Втората светска војна во 1945 година, во таа земја е забележан постојан раст на вредноста на сопственоста во рацете на поединците.
- Уште во 1960 година, односно 12 години по монетарните реформи и воведувањето на германската марка вкупната заштеда изнесуваше околу 165 милијарди марки, односно околу 80 милијарди евра, рече Спренгер. Триесет години подоцна во пресрет на обединувањето на Германија тој износ се зголемил на 1,4 билиони евра.