Rss feed

Балкан

вторник, 21 февруари 2012, 15:40

Реакции во Грција на договорот на еврозоната за новиот пакет-помош

Реакции во Грција на договорот на еврозоната за новиот пакет-помош
Договорот за новиот пакет-помош за Грција во износ од 130 милијарди евра усвоен рано изутринава од страна на министирте за финансии на еврозоната, предизвика поделени и противречни реакции во грчката јавност.

Водечките медиуми со доза на воздржаност го поздравија постигнувањето на договорот, нагласувајќи дека Грците ќе мора да поднесат „тешки жртви“ и дека Европската унија ќе спроведува дополнителен мониторинг на грчките финансии.

„Та Неа“ оценува дека станува збор за „условувано спасување“ на Грција за што земјата ќе мора да плати висока цена, додека „Нафтемборики“ изразува сомнеж во поглед на оддржливоста на огромниот грчки долг.

„Етнос“ оценува дека Грција направила грешки во спроведувањето на претходните планови за помош на ЕУ и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), нагласувајќи дека „дури и ако се помине добро и планот даде резултати, цената што ќе ја платат Грците ќе биде огромна“.

Грчките синдикати „изразија жалење“ поради усвојување на планот кој предвидува нови рестрективни мерки и за утре повикаа на протести пред зградата на грчкиот Парламент.

Водечкиот синдикат на вработените во приватниот сектор ГСЕЕ соопшти дека „работниците одбиваат да го прифатат варварството на неолибералните мерки наметнати од кредиторите“ и најави дека ќе „продолжи со борбата за запирање на уништувањето на општеството“.

Во последните две години ГСЕЕ и синдикатот на вработените во државниот сектор АДЕДИ организира серија штрајкови и протести, при што последниот беше одржан пред грчкиот Парламент на 12 февруари додека пратениците гласаа за новиот пакет рестриктивни мерки.

Обичните граѓани анкетирани од грчките медиуми не изразуваат преголем оптимизам во врска со постигнатиот договор. - Не сум радосен затоа што повторно ќе ни бидат наметнати кредити, кредити, кредити.. на кои не им се гледа крајот, изјави еден анкетиран граѓанин на Атина.



 

МРТ © 2010 - Сите права се задржани.