вторник, 21 февруари 2012, 15:34
Грците бараат избори, формирање нова партија и останување во еврозоната
Седум партии би влегле во грчкиот Парламент, ако изборите би се одржале сега, покажува социолошкото истражување на ГПО, објавува грчкиот весник „Етнос“.
Според резултатите, двете најголеми партии во земјата - Нова демократија и ПАСОК, тешко заедно би поминале 32 проценти, а левицата 30 проценти.
На прво место во анкетата излегува конзервативната Нова демократија со 19,4 отсто. Со тие проценти, меѓутоа, таа не би можела да управува самостојно. По неа следува социјалистичката ПАСОК, со 13,1 процент, Демократската левица со 12 отсто, Грчката комунистичка партија со 9,5 отсто и Коалиција на радикалната левица (СИРИЗА) со 8,5 отсто.
Демократската алијанса на Дора Бакојани собира 2,5 проценти, а Еколози - Зелени - 1,9 проценти. Речиси две третини (62,2 отсто) од анкетираните сакаат парламентарни избори.
На прашањето кој би бил најсоодветниот за премиер на прво место излегува лидерот на Нова демократија Андонис Самарас, по кој следува актуелниот министер за финансии Евангелос Венизелос. Трет останува сегашниот премиер Лукас Пападимос со 6,3 проценти.
Речиси сите анкетирани изјавуваат дека рестриктивните мерки, вклучени во вториот спасувачки план за Грција, се многу тешки, пишува „Етнос“.