петок, 03 февруари 2012, 18:33
Тадиќ и Јосиповиќ за договорот за судењето за воени злосторства
Српскиот претседател Борис Тадиќ ја поддржа денеска иницијативата на хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ процесуирањето на одговорните за воени злосторства да се олесни со меѓудржавен договор.
БиХ не ја поддржа иницијативата на хрватскиот претседател.
Тадиќ рече дека Србија во исто време ги поддржува и ги охрабрува позитивните чекори кои на полето на правното процесуирање на осомничените за воени злосторства ги прави Хрватска, и потсети дека едно од приоритетните прашања од блиското заедничко минато е расвтелување на судбината на исчезнатите лица.
- Србија ќе инсистира и во иднина да се процесуираат воени злосторства, и затоа се придржуваме кон иницијативата на претседателот Јосиповиќ, рече Тадиќ и ги повика сите држави во регионот во правните процеси да откријат што се случувало за време на војните во поранешна Југославија, виновниците да ги стават зад решетки и да придонесат кон помирување.
Јосиповиќ од своја страна изјави дека договорот за судење за воени злосторства според местото на престојувалиште би придонел за поефикасно процесуирање, а истовремено би оневозможил политизирање на случаите на воени злосторства.
Претседавачот на претседателството на БиХ Жељко Комшиќ изјави дека Босна и Херцеговина не ја поддржува иницијативата на хрватскиот претседател на обвинетите за воени злосторства да им се суди според местото на живеалиште, но и дека се бара модалитет кој би овозможил учество во договорот.
Комшиќ, по трилатералниот состанок на Јахорина, рече дека Сараево ја отфрлило иницијативата бидејќи за тоа не постои согласност во тричленото претседателство на БиХ, но дека сепак постои модалитет кој е само на ниво на работен предлог.
Лидерите на трите земји денеска разговараа за многу теми од регионално значење, а за „форматот“ на собирот говори фактот дека за негово следење се акредитирани повеќе од 150 известувачи од БиХ и странство.