петок, 03 февруари 2012, 15:14
Грчките синдикати и работодавачи ја отфрлија идејата за намалување на платите
Синдикатите и здруженијата на работодавачите во Грција ги отфрлија барањата за намалување на платите во приватниот сектор и покрај притисокот на кредиторите кои за време на преговорите за дополнителна помош на оваа презадолжена земја побараа воведување на нови мерки за штедење.
Во писмото на синдикатите и работодавачите испратено до Владата во Атина се наведува дека тие се согласуваат да не се намалува минималната плата, ниту годишниот износ на платата која на вработените во Грција им се исплаќа на 14 „рати“.
Трошоците за исплата на платите се покажаа како точка на раздор во преговорите меѓу грчката Влада и нејзините кредитори, односно останатите членки на еврозоната и ММФ, за исплата на вториот спасувачки пакет во износ од 130 милијарди евра.