среда, 22 февруари 2012, 12:33
Уште пет општини сами ќе менаџираат со државното градежно земјиште
Општините Македонски Брод, Кавадарци, Радовиш, Сопиште и Чаир, со одлука на Владата го преземаат од Министерството за транспорт и врски менаџирањето со државното градежно неизградено земјиште земјиштето.
Заедно со тие пет општини, досега овластување да отуѓуваат и даваат под закуп земјиште вкупно добија 27 општини, соопшти денеска Министерството за транспорт и врски.
Законската можност за преминување на надлежностите за земјиштето кај општините стапи во сила на 1 јули минатата година. Општините откако ќе ги исполнат условите и ќе воспостават систем за реализирање електронски јавни наддавања можат да добијат соодветно овластување со кое ќе можат да ги водат постапките за отуѓување на неизградено градежно државно земјиште по пат на електронско јавно наддавање.
Условите предвидуваат општините да имаат развиено и усвоено годишна програма за управување со државно градежно земјиште, минимален број лиценцирани општински службеници, воспоставен систем за електронско наддавање и комисија за јавно електронско наддавање.
Министерството за транспорт и врски апелира до сите останати општини да ги исполнат законските услови и да поднесат барања за добивање овластување за да може процесот целосно да се имплементира. Согласно Законот за градежно земјиште од досегашните продажби градежното земјиште преку јавни наддавања, 80 проценти од уплатените пари земјиштето се слеваат во буџетите на општините во кои се наоѓаат локациите кои биле на продажба.
Според Министерството за транспорт, со управувањето на градежното земјиште од општините се овозможуваа обезбедување брзи услуги за граѓаните.
- На овој начин се овозможува комплетирање на целата постапка, вклучително и купување и давање под закуп на градежното земјиште и добивање градежни дозволи, сė на едно место, се вели во соопштението. Исто така, со пренесување на надлежностите во делот на управување со градежното земјиште се оди чекор понапред во децентрализацијата во Република Македонија, а ваквото решение е прифатено и подржано од голем број значајни сектори кои се суштински поврзани со градежното земјиште, а особено од самите општини, се вели во соопштението.