петок, 03 февруари 2012, 16:38
Џон Тери сменет од капитенската должност во англиската репрезентација
Фудбалерот на „Челзи“ и на англиската фудбалска репрезентација Џон Тери (31) е сменет од капитенската должност во националниот тим со одлука на Англиската фудбалска федерација (ФА).
Ваквото решение е донесено по одлуката на судот во Лондон да го одложи судењето на Тери за „расистичкиот инцидент“, до јули оваа година, до по европското првенство во фудбал кое во јуни се одржува во Полска и Украина, јави дописникот на МИА од Лондон.
Тери беше првоосомничен, а по полициската истрага и обвинет дека во октомври минатата година извршил „расистички напад“ врз фудбалерот на „Квинс Парк Ренџерс“ Антон Фердинанд. Инцидентот се случи за време на првенствениот натпревар меѓу овие два лондонски клуба. Фердинанд, кој е брат на играчот на „Манчестер Јунајтед“ и поранешен капитен на репрезентацијата Рио Фердинанд, го пријави на фудбалската федерација капитенот на „Челзи“ за расизам, а по пријавата на некои од гледачите на натпреварот, навивачи на „Квинс Парк Ренџерс“, беше отворена и формална полициска истрага.
ФА досега одбиваше да се изјасни за случајот на Тери и Фердинанд, објаснувајќи дека чека на решението на парвосудните власти. Претставник на ФА изјави денеска дека решението да не се чека до јули околу изјаснувањето на федерацијата било донесено затоа што се стравува дека развлекувањето на „случајот Тери“ може да се одрази лошо врз климата во националниот состав, како и дека црномурестите фудбалери барале побрзо разрешување на тоа дали Тери ќе биде или не капитен.
Тери и на рочиштето на 1 февруари изјави дека е невин и дека не е точно тоа што му се припишува, објаснувајќи дека ќе се бори да докаже дека тој не е расист.
Ова е вторпат Тери, кој го наследи Рио Фердинанд на капитенската должност во репрезентацијата, да остане без капитенската лента. Во 2010 година тој беше сменет затоа што беше осомничен за љубовна афера со сопругата на еден од реперезентативците. Селекторот Фабио Капело, кој го смени Тери, по една година му ја врати капитенската должност, одземајќи му ја на Рио Фердинанд кој многу нервозно реагираше на ваквото решение. Капело досега не сакаше да го смени Тери, тврдејќи дека секој е невин додека не се докаже вината.
Доколку се докаже дека е виновен, Тери може максимално да биде казнет со 2.500 фунти.