недела, 19 февруари 2012, 10:28
Металург гостува кај Висла во Лигата на шампионите
Ракометниот шампион на Македонија, Металург попладнево (17:30 часот) го игра натпреварот од 9.коло од Ц групата од Лигата на шампионите. Металург гостува кај полскиот првак Висла во Плоцк.
По нерешениот резултат на Хамбург и Копер одигран во четвртокот за нашиот тим потребни се три бодови од последните два натпревара. Таквата ситуација добро им е позната и на играчите и стручниот штаб на тимот од Автокоманда.
- Ако сакаме да го освоиме второто место мораме да победиме на двата последни натпревара. По повредата на Младен Ракчевиќ (пред десет дена), дополнителен проблем ќе биде неиграњето на Филип Миркуловски, кој доби црвен картон на последниот натпревар со Копер. Но, добро е во тимот се враќаат Наумче Мојсоски и Ацо Јоноски (повреда на мускул) – истакна помошниот тренер на Металург, Александар Петровски.
Во Лигата на шампионите денеска се играат уште четири натпревари. Атлетико Мадрид на нашиот Кирил Лазаров е домаќин на Берлин во натпревар од Б групата, додека во вториот дуел од оваа група Силкеборг е домаќин на Киелце. Во Д групата играат: Монпеље – Копенхаген и Кил – Адемар Леон.
На досега одиграните натпревари од 9.коло беа постигнати следниве резултати: Кадетен Шафхаузен – Шамбери 28:24, Барселона – Загреб 29:30, Босна – Савехоф 20:38 (А група), Чеховски Медведи – Веспрем 30:26 (Б група), Хамбург – Копер 27:27, Констанца – Санкт Петербург 24:26 (Ц група) и ПИК Сегед – Партизан 31:21.