петок, 17 февруари 2012, 18:13
Протестна нота од РФМ до Ракометниот сојуз на Косово
Ракометната федерација на Македонија испрати протесна нота до Ракометниот сојуз на Косово поради палењето на македонското знаме синоќа во Приштина, за време на натпреварот на младинските ракометни репрезентации на Македонија и Косово.
Од косовска страна имало цврсти гаранции за безбедност, што биле потврдени од Ракометниот сојуз на Косово како организатор на турнирот, но и покрај тоа, наведува РФМ, државното знаме било запалено од членови на навивачката група „Плисат“.
- Исто така од Ракометниот сојуз на Косово ни беше гарантирано дека нема да има никакви провокации од страна на публиката за време на турнирот кон нашата национална селекција и нашата држава, соопшти РФМ која од тие причини, а и поради добрата соработка со косовскиот ракометен сојуз ја прифатила поканата да учествува на натпреварот.
Во соопштението од Ракометната федерација на Македонија, потпишано од нејзиниот генерален секретар Марјан Начевски, како пример за успех во спортот е посочена добрата соработка на РФМ со ракометните федерации на соседните земји за време на Европското првенство во Србија и коректоноста на илјадната публика на трибините.