вторник, 14 февруари 2012, 16:27
Миркуловски и Ристовски добија „Златни плакети“ од општина Бутел
Македонските ракометни репрезентативци Филип Миркуловски и Борко Ристовски на денешниот прием кај градоначалникот на општина Бутел Петре Латиновски, добија „Златни плакети“ во знак на благодарност за постигнатите резултати во ракометот и придонесот за афирмација на спортот во општината.
Латиновски на своите сограѓани им го честиташе големиот успех, освоеното петто место на последното Европско првенсто што неодамна се одржа во Србија и додаде дека општина Бутел е радосна и горда на нивниот успех.
Македонските репрезентативци се заблагодарија за денешниот прием и истакнаа дека тоа што се добитници на големата „Златна плакета“ на општина Бутел за нив е посебна чест и ги прави особено среќни.
Тие му порачаа на градоначалникот да продолжи да создава услови за развој на спортот, а кога е ракометот во прашање, да вложи напори и да го врати ракометот на славните златни патеки од пред три децении со што ќе се продолжи ракометната традиција во општина Бутел.
Можност за дружење со Миркуловски и Ристовски имаа и младите талентирани ракометари од школските екипи на основните училишта од општината.