вторник, 21 февруари 2012, 19:13
Фетел најбрз на првиот ден од тестирањата во Барселона
Најмладиот двократен светски шампион во историјата на Формула 1, Себастијан Фетел започна во шампионски стил со тестовите на патеката "Каталонија" во близина на Барселона, откако даде најдобро време во првиот ден.
Германскиот пилот го заврти најбрзиот круг за време 1:23.265. Доста изненадувачки се претстави пилотот на Форс Индија Нико Хулкенберг, кој имаше втор резултат за денот со 0.175 стотинки заостанување зад Фетел.
Под 1 минута и 24 секунди денес возеше уште Луис Хамилтон, кој со својот Мекларен заостана 0.325 стотинки од најдобро време, и Даниел Рикардо со Торо Росо, задоцни 0.353 стотинки од најдобриот круг на Фетел. Австралиецот постигна најдобар резултат со меката компонента на Пирели, додека Фетел, Хулкенберг и Хамилтон возеа со медиум цврстина на гумите.
Фернандо Алонсо повторно не успеа да ја зарадува родната публика во Шпанија. Со новиот F2012 пилотот на Ферари остана на петтото место со заостанување од 0.885 стотинки и го остави зад себе на шестото место Михаел Шумахер, кој направи прв официјален тест на новиот болид на Мерцедес W03 и имаше за 0.885 стотинки полошо време од тоа на најдобриот за денот.
Пилотот на Заубер Серхио Перез запиша седмо време, а осми остана Бруно Сена за тимот на Вилијамс. Деветтото време постигна Ромен Грожан со новиот болид Е20 на Лотус, а на последните две места останаа пилотот на Кетерам, Хеики Ковалаинен и возачот на Марусија, Шарл Пик.