недела, 19 февруари 2012, 11:32
Македонија ги добива противниците за олимписките квалификации во ватерполо
Македонската ватерполо репрезентација денеска ќе ги добие противниците во групата за олимписките квалификации што од 1-ви до 8 април ќе се одржат во Едмонтон, Канада.
Нашата репрезентација по вторпат ќе учествува на олимписки квалификации откако пред четири години во Орадеа, Романија, го освои 8.место во конкуренција на 12 репрезентации. И на овие квалификации ќе настапат 12 репрезентации (8 од Европа и 4 од Северна Америка и од Јужна Америка).
Македонија на извлекувањето ќе биде во шестиот „шешир“ заедно со репрезентацијата на Турција. Репрезентациите во првата фаза ќе бидат поделени во две групи по шест.
Другите селекции се поделени: Прв „шешир“: Шпанија и Црна Гора, Втор „шешир“: Германија и Канада, Трет „шешир“: Романија и Бразил, Четврти „шешир“: Грција и Аргентина, Петти „шешир“: Холандија и Венецуела. Четирите најдобропласирани репрезентации ќе изборат пласман на Олимписките игри во Лондон.