понеделник, 20 февруари 2012, 12:48
Њујорк удри по шампионот Далас, Лин со уште една сензационална партија
Њујорк Никс го победи шампионот Далас со 104:97 во Медисон Сквер Гарден во една од средбите одиграни вчеравечер во НБА. Стив Новак постигна 14 од првите 15 поени за Никс во четвртиот дел, вклучувајќи четири тројки и придонесе за успех во натпреварот.
Уште една одлична игра прикажа овогодинешната сензација, Џереми Лин, кој заврши со 28 поени и рекордни во кариерата 14 асистенции. На Дирк Новицки и минатогодишниот шампион не им помогнаа рекордни за него сезонава 34 поени, кои ја прекина серијата од шест победи.
Во Мајами, Двејн Вејд постигна 27 поени, а Леброн Џејмс додаде 25, 11 скока и 8 асистенции за победата на Мајами над Орландо со 90:78. Тоа е шеста последователна победа за "жешките", кои се тимот со најдобар биланс во НБА од почетокот на сезоната.
Резултати од вчеравечер:
Њујорк - Далас 104:97
Мајами - Орландо 90:78
Кливленд - Сакраменто 93:92
Детроит - Бостон 96:81
Индијана - Шарлот 108:73
Њу Џерси - Милвоки 85:92
Хјустон - Јута 101:85
Минесота - Филаделфија 92:91
Феникс - Л.А. Лејкерс 102:90
Оклахома - Денвер 124:118 (по продолжение)