вторник, 14 февруари 2012, 18:02
Дирк Новицки најдобар во Европа, Бо Мекејлеб трети
Дирк Новицки беше избран за најдобар кошаркар на Европа за 2011-та година. Германскиот репрезентативец го доби признанието на навивачите и експертите, откако заедно со својот Далас Маверикс ја освои шампионската титула во НБА мината сезона а воедно беше прогласен и за МВП во финалето. Тој настапи и за Бундестимот за време на Евробаскет 2011, кој заврши деветти во Литванија.
Новицки е и првиот добитник на наградата, врачена од ФИБА Европа, во 2005-та година.
Капитенот на европскиот шампион Шпанија Хуан Карлос Наваро, кој беше МВП на Евробаскет, е рангиран на втората позиција.
Македонскиот репрезентативец Бо Мекејлеб се најде на престижното трето место на табелата. Натурализираниот играч на Монтепаски беше според многумина најдобар играч на Европското првенство, каде што Македонија заврши на четвртото место.
Пау Гасол, Андреј Кириленко, Димитрис Диамантидис, Тони Паркер, Душко Савановиќ, Никола Батум и Марк Гасол, по овој ред, ја оформија листата на Топ 10 играчи на Европа за 2011-та година.