Rss feed

Кошарка

вторник, 14 февруари 2012, 15:30

Лазовски: Македонија има реални шанси да се пласира на Олимпијадата

Лазовски: Македонија има реални шанси да се пласира на Олимпијадата
Со квалитетни подготовки какви што имаме зацртано и со добра работа Македонија има реални можности да игра на Олимписките игри во Лондон оваа година, изјави Марјан Лазовски на неговата денешна промоција во селектор на кошаркарската репрезентација.

Лазовски изрази задоволство што по петгодишен стаж како помошник-селектор ја превзема селекторската функција.

- Задоволство, но и обврска е да се биде селектор на Македонската кошаркарска репрезентација. По првпат ќе играме квалификации за Олимпијада. Добивме неатрактивни, но ни малку наивни противници во групата. Очекувам добри резултати и продолжување на континуитетот добри резултати, рече Лазовски.

Што се однесува до составот тој најави дека товарот во квалификациите ќе го понесат играчите кои настапија на ЕП во Литванија, но ќе има и освежувања со нови играчи, а посебно тоа се однесува на Кирил Николовски, Бојан Трајковски и Александар Костовски.

Раководството на Македонската кошаркарска федерација за да им овозможи добри подготовки на кошаркарите веќе договори неколку пријателски натпревари, а за време на турнејата на американскиот континент стапи во контакт и со двајцата видни бизнисмени во САД со македонско потекло кои имаат допирни точки со кошарката, Мајк Зафировски и Џон Битов.

- И Зафировски и Битов се добро информирани околу состојбата во македонската кошарка и успесите кои ги постигнува репрезентацијата во последниот период. Тие се подготвени да помогнат во организацијата на подготовките, од кои едниот дел би се одвивале во Канада, истакна Димевски.

Тој како потенцијално засилување во репрезентативниот состав го најави Тод Зафировски, синот на Мајк кој настапува на „Дјук“ универзитетот во САД, но за да се оствари тоа ќе мора да се обезбедат законски услови. Тоа се, Тод да добие македонско државјанство и да настапува како роден Македонец, бидејќи место за странски играч е резервирано за Лестер Бо Мекејлеб.

Димевски ги информираше новинарите дека постои можност Македонија да игра против „дрим-тимот“ на Америка, но тие преговори се уште траат.

Според првичниот план првиот собир македонските кошаркари ќе го имаат на 4 јуни во Скопје. Од 11 до 18 јуни во Литванија ќе се одиграат пријателски натпревари со домашната селекција и со Русија.

Од 18 до 23 Македонија ќе гостува во Канада каде ќе игра со канадската репрезентација, со Велика Британија и евентално со Нов Зеланд.

Се очекува да се потврди натпреварот со американскиот „дрим-тим“ кој би се играл во периодот 23-26 јуни.

Потоа три дена Македонија ќе гостува на Порторико, а од 30 јуни експедицијата се сели во Венецуела, која од 2 јули ќе биде домаќин на квалификациите.

Македонија во квалификациската група е заедно со Ангола и Нов Зеланд. Првите две репрезентации одат во четвртфинале. З

а пласман на Олимпијадата е потребно да се биде најмалку трет од вкупно 12 репрезентации колку што ќе играат на турнирот.




 

РУБРИКА Поврзани вести

Моментално нема вести кои се поврзани со оваа вест.


МРТ © 2010 - Сите права се задржани.