сабота, 11 февруари 2012, 17:17
Дали некој слушнал за Џереми Лин?
Локаут, скратена сезона, трејдот Крис Пол и Клиперси, повреди на големите ѕвезди, сето ова го одбележа стартот на новата сезона во НБА.
Меѓутоа, само една работа е во центарот на вниманието во последните неколку денови, ново име ја импресионираше Америка, а тоа е Џереми Лин.
Момчето кого во своите редови не го сакаа Рокетс и Вориорс, сезоната ја започна како 15-ти играч на Никси во НБДЛ лигата, сега е прво име на тимот од Медисон Сквер Гарден, а вчеравечер го засени и големиот Коби Брајант.
Иако во тимот на Мајк Д`Антони имаше статус на трет плејмејкер, повредата на клучните играчи на Њу Јорк и лошата игра на поедини стартери му донесоа значителна минутажа на паркетот.
А како тој тоа го искористи? Совршено! Во првите три натпревари како стартер во НБА лигата постигна дури 89 поени (38 на Лејкерси) што е рекорд откога во сезоната 1976-1977 е формирана НБА лигата во денешниот формат.
Момчето кое има потекло од Тајван (родителите му емигрирале во САД во седумдесетите) роден е на 23 август 1988 година во Калифорнија (Пало Алто) а неговиот пат во НБА штотуку започнува и очекуваме уште многу од него.