Rss feed

Фудбал

вторник, 21 февруари 2012, 23:22

Наполи направи пресврт против Челзи и оди во Лондон со одлична предност

Наполи направи пресврт против Челзи и оди во Лондон со одлична предност
Наполи направи пресврт на свој терен против Челзи - од 0:1 до 3:1 во првата средба меѓу двата тима од 1/8-финалето на Лигата на шампионите. Гостите од Лондон поведоа со голот на Хуан Мата (27), но италијанскиот тим стигна до пресврт со погодоците на Езекиел Лавеци (38, 65) и Единсон Кавани (45 +2).

Средбата на "Сан Паоло" беше исклучително динамична и бевме сведоци на вистински спектакл, како за гледачите на трибините така и пред телевизиските екрани. Во 12-та минута Жозе Босингва од гостите беше принудно заменет од Ешли Кол. Со главна заслуга за зачувување на нерешениот резултат по првите 20 минути беше голманот на Челзи, Петар Чех, кој со сјајни интервенции ги одби ударите на Кавани и Маџо.

Во 27-та минута капитенот на домаќините Паоло Канаваро се обиде да ја исфрли топката, но таа се најде кај Хуан Мата, кој ја испрати покрај Де Сантис за 0:1. Наполи одговори соодветно во 37-тата минута, кога Езекиел Лавеци со силен удар од ивицата на казнетиот простор израмни за 1:1. Во дополнителното време на првиот дел по остро центрирање на Инлер од десно Единсон Кавани го притисна Бранислав Ивановиќ и со рамо постигна гол за целосен пресврт - 2:1. Останаа сомнежите дури и за автогол на српскиот дефанзивец.

Спротивно на очекувањата по паузата Англичаните притиснаа. Во тој период Наполи имаше само еден напад, при што во 54-тата минута Лавеци пропушти шанса сам против Чех. На неколку пати, дури и Ешли Кол шутираше или непрецизно, или во домет на Де Сантис. Во 65-тата минута Давид Луис направи грешка со која им овозможи на Кавани да асистира кон Лавеци и Аргентинецот ја пртона топката меѓу Чех и Гери Кејхил за 3:1. Играчите на Андре Вила-Боаш не успеаја да најдат соодветен одговор до крајот на натпреварот, а во 80-та минута дури можеа да примат четврти гол, но сепак Ешли Кол ја изби топката од гол линијата по ударот одблизу на Маџо. На крајот Наполи ќе патува за Лондон со удобна предност од 2 гола, а поразот ја става под сериозен прашалник иднината на португалскиот стручњак на чело на Челзи. Реваншот во Лондон на "Стемфорд Бриџ" е на 14 март.



 

РУБРИКА Поврзани вести

Моментално нема вести кои се поврзани со оваа вест.


МРТ © 2010 - Сите права се задржани.