среда, 22 февруари 2012, 13:47
Џерард: Да чекаш шест години на трофеј е предолго
Капитенот на Ливерпул, Стивен Џерард изјави дека тимот е мотивиран да ја прекине серијата од шест години без трофеј. Во недела "црвените" ќе им се спротивстават на Кардиф во финалната средба од Карлинг Купот.
Џерард призна дека шест сезони без освоена награда се премногу долго време за клуб како Ливерпул. Англискиот репрезентативец, сепак, е убеден дека евентуален успех во недела ќе биде почетокот на подобар период на Енфилд.
"Чекањето беше премногу долго и сите го знаат тоа", рече полудефанзивецот за локалниот весник Ливерпул Еко. "Време е да освоиме трофеј. Клубот помина низ тешки времиња, но сега одиме самоуверено напред".
"Мотивирани сме да се вратиме на успесите. Тоа е она што толку се трудиме да го постигнеме. Се надевам дека тоа е само почеток за нас. Ќе биде глупаво да го освоиме Карлинг Купот, а потоа да се опуштиме. Купот е важен за нас, но има и други големи цели кон кои се стремиме", додава Џерард.
"Навистина верувам дека освојувањето на оваа титула ќе биде катализатор за успешен период на Енфилд. Сигурно ќе ни даде самодоверба исто како во 2001 година, кога повторно го кренавме Купот и освоивме три титули", рече легендата на црвените.
"Без сомнение, освојувањето на Карлинг Купот ќе има позитивен ефект врз нас", заврши Џерард.