среда, 22 февруари 2012, 13:17
Конечно: Тевез се извини
По петмесечната драма, Карлос Тевез конечно се извини "искрено и безрезервно" на Манчестер Сити и ја повлече жалбата против казната изречена од "граѓаните".
Аргентинскиот напаѓач е во конфликт со раководството на Сити од септември наваму, кога одби да влезе во игра на дуелот со Баерн Минхен во Лигата на Шампионите. Тој се врати во својата татковина без дозвола на клубот и беше казнет, со пресметка дека изгубил вкупно 9,3 милиони фунти во последните месеци.
Менаџерот на "граѓаните", Роберто Манчини првично објави дека Тевез нема да игра повеќе за тимот, а потоа рече дека напаѓачот треба да се извини за да се врати во тимот.
"Сакам да се извинам искрено и безрезервно на сите кои ги разочарав и навредив со моите активности во последниве месеци. Мојата желба е да играм фудбал за Манчестер Сити", е изјавата на Аргентинецот, распространета од клубот.
Од Сити открија дека Тевез се подготвува за самостојна програма и би требало да биде подготвен да игра за околу две недели. Тоа значи дека Манчини ќе може да го користи голгетерот на тимот во одлучувачките натпревари за борбата за титулата во Англија.