вторник, 21 февруари 2012, 20:34
ЦСКА одигра нерешено со Реал во ладната Москва
ЦСКА Москва на домашен терен одигра 1:1 со Реал Мадрид во првата средба меѓу двата тима од 1/8-финалето во Лигата на Шампионите. Гостите поведоа со голот на Кристијано Роналдо (28), но дебитантот за "армејците" на турнирот Понтус Вернблум израмни во 92 - та минута.
Дуелот на "Лужники" во Москва започна изедначено, но постепено гостите ја презедоа иницијативата. Во 7-та минута домаќините можеа да го отоврат резултатот. Ударот на Алан Џагоев од блиска дистанца не успеа да заврши зад Касиљас. Девет минути подоцна напаѓачот на гостите, Карим Бензема се повреди при обид за шут од далеку и беше заменет од Аргентинецот Гонзало Игуаин. Реал го нанесе својот удар во 28-тата минута, кога Кристијано Роналдо го искористи погрешното расчистување на Зоран Тошиќ и со умерен дијагонален удар го совлада Чепчугов за 0:1. По голот, играчите на Реал се успокоија и почнаа да дејствуваат по контранапади. Домаќините, сепак и не успеаја да создадат до крајот на првиот дел чиста шанса за гол за да стигнат до израмнувачки гол.
По паузата сликата на теренот не се промени сериозно. Домаќините се обидуваа да воспостават притисок и да израмнат, а шпанскиот гигант ги чекаше своите шанси од контранапад. Роналдо беше блиску до вториот гол за својот клуб, но на два пати во 76-та и 84-та минута не успеа да реализира. Дури во третата минута од дополнителното време напорите на "армејците" дадоа резултат, откако дебитантот во Лигата на Шампионите за ЦСКА, Понтус Вернблум се покажа најприсебен при мешаницата пред голот на Касиљас и го оформи крајниот 1:1 кој ја задржува малку интригата за реваншот во Мадрид на 14 март.
Реал нема победено во прв судир во 1/8-финалето во Лигата на Шампионите од 2006 година и сега ја продолжи оваа традиција со реми во Москва.