среда, 22 февруари 2012, 17:41
Околу 35 проценти од возрасните Британци се уште спијат со своето плишано мече
Околу 35 отсто од возрасните Британци се уште спијат со својата омилена играчка од детството, плишаното мече „Теди Бер“, покажуваат податоците што денеска ги објави хотелската компанија „Тревлодз“.
Како што јави дописникот на МИА од Лондон, сознанијата на компанијата се засноваат на откритието дека во нејзините 452 хотели низ Велика Британија секоја година домашните гости забораваат по собите дури 75 илјади плишани мечиња во разна големина.
Една четвртина од гостите кои ги заборавиле своите „Теди Бер“ играчки од детството се возрасни мажи.
Истражувањето, кое го спровеле психолозите покажува дека барем кога станува збор за мажите, малите мечиња ги потсетуваат на домот и им помагаат полесно да заспијат.
Експертите уште веруваат дека заспивањето со плишаното мече им помага на возрасните луѓе да го избегнат стресот и побрзо и полесно да се релаксираат.
Засега нема објаснување за опседнатоста на Британците со оваа играчка, но утврдено е дека просечната старост на плишаните мечиња изнесува 27 години. Тоа покажува дека најголемиот број од луѓето ги чуваат овие играчки од најраното детство и ги користат и како возрасни. Сепак над 14 отсто од оженетите мажи ја кријат својата „љубов“ кон мечињата.