среда, 22 февруари 2012, 12:18
„Фуџицу“ најави промоција на нов „суперкомпјутер“
Јапонската компанија „Фуџицу“ најави дека во својата палета на производи наскоро ќе понуди и „суперкомпјутер“ чија брзина во најсилната конфигурациска верзија теоретски би можела да изнесува 23,2 петафлопси.
Компанијата очекува во наредните три години да продаде 50-тина вакви системи, кои се наречени Prime HPC FX10.
Овој компјутер претставува спој на високи перформанси и скалабилност, одлична стабилност и супериорна енергетска ефикасност, се наведува во соопштението на „Фуџицу“.
Компјутерот е изработен од компоненти развиени во истражувачкиот центар на „Фуџицу“, што, според компанијата, гарантира високо ниво на сигурност и одлични работни карактеристики.
Системот може да се засилува во зависност од потребите на секој конкретен корисник и може да одговори на многу предизвици на современото живеење, како што се развој на нови лекови, превентивно реагирање на природни катастрофи или воспоставување на посигурни и побезбедни општества.
Prime HPC FX10 може да се користи и за врвни научни истражувања и за развој и прозводство на нови материјали без притоа да се изработуваат прототипи, бидејќи на него можат да се изведуваат компјутерски симулации со широко поле на примена.
Најсилната конфигурација на овој компјутер има 98.304 јазли, кои зафаќаат 1.024 серверски полици, а минималната конфигурација има четири полици со 384 јазли.
Меморија на овој компјутер изнесува шест петабајти и во него е вграден новоразвиениот процесор SPARC 64 IXfx со 16 јадра кои работат на 1,848 гигахерци.
Компјутерот користи метод на водно разладување со што заедно со ефикасниот дизајн, нуди можност за извлекување на максимални перформанси на искористување на ват електрична енергија, при што секој чвор достигнува брзина на обработка од 236,5 гигафлопси и потрошувачка од еден ват на секои два гигафлопси.