среда, 22 февруари 2012, 20:13
ЕУ ќе ги засили санкциите против Сирија
Земјите од Европската унија презедоа нова серија санкции против Сирија заради континуираните и долготрајни репресии, вклучувајќи ја и забраната на комерцијални летеви од земјата, пренесоа француските медиуми, повикувајќи се на дипломати.
-Новите санкции ќе бидат соопштени во понеделник, на средба на европските министри за надворешни работи во Брисел, на која официјално ќе се потврдат серијата мерки, изјави еден од цитираните извори.
ЕУ ќе ги замрзне сметките на сириската Централна банка и ќе забрани некои од нејзините трансакции, како и трговијата на земјата со скапоцени метали, како златото.
Санкциите ќе вклучуваат уште и забрана за комерцијални летови од Сирија, а соодветните авиони нема да можат веќе да слетаат на европска територија.
Седум нови лица ќе бидат додадени кон списокот со приближно 150 лица, организации и фирми, меѓу кои и високо позиционирани претставници на сирискиот режим, кои немаат право да влезат во ЕУ и чии активи под јурисдикција на Унијата се замрзнати.
Наметнувањето на забраната за извоз на сириски фосфати во Европа во оваа фаза од санкциите не се разгледува.