среда, 22 февруари 2012, 20:10
Кина и Турција потпишаа договори вредни 4,3 милијарди долари
Кинескиот заменик-премиер Кси Џинпинг изјави денеска на турско-кинескиот бизнис форум во Истанбул дека кинески и турски компании потпишале економски и трговски договори во вредност од 4,3 милијарди долари.
Кси Џинпинг истакна дека Турција станала една од најпривлечните земји во светот и додаде дека трговската размена меѓу Турција и Кина значително се зголемила.
- Кина покажува голем интерес за турските суровини за хемиската индустрија и за земјоделските производи, додаде Кси Џинпинг.
Тој напомена дека двете земји уште повеќе ќе ја зајакнуваат стратешката соработка и рече дека оваа година во Кина ќе биде прогласена годината на Турција, додека следната година ќе биде годината на Кина во Турција.
Кинескиот заменик-премиер изјави дека турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган, со кого се сретна вчера, ќе го посети Пекинг во април во знак на зголемената доверба меѓу двете земји, кои во минатото имаа спротивставени интереси во Централна Азија.
Турција се стреми да го развива секторот на нуклеарната енергија и да ја намали зависноста од увоз на нафта и гас и веројатно тоа ќе биде и една од темите при посетата на Ердоган на Пекинг, која веќе начелно беше разгледана и на средбата со Кси Џинпинг, пишуваат турските весници.
Весникот „Сабах“ објави дека Кина покажува интерес за изградба на нуклеарна централа во Турција во вредност од 20 милијарди долари. Турција веќе побара експертиза од Јапонија и Јужна Кореја за тој проект.
Турскиот министер за економија Зафер Чаглајан, кој исто така присуствуваше на бизнис форумот, изјави дека кинеските фирми покажале интерес и за инфраструктурните проекти за трет мост на Босфорот и за канал, кој ќе ги поврзува Црното и Мраморното море, во кои ќе бидат инвестирани милијарди долари.
Тридневната посета на Кси Џингпинг на Турција беше посветена на зајакнувањето на трговските односи, зголемувањето на инвестициите и на разгледување на регионалните прашања.
Двете страни вчера потпишаа неколку спогодби за соработка во областа на финансиите и земјоделството.
Трговската размена меѓу Турција и Кина се зголеми од една милијарда долари во 2000 година на 24 милијарди во 2011. Турција и Кина беа меѓу земјите со најбрз економски раст во светот минатата година. Турција е 16-та економска сила во светот, но има амбиции да влезе меѓу првите десет до 2023 година, за стогодишнината од турската република, додека Кина е втора економска сила во светот.