Rss feed

Свет

среда, 22 февруари 2012, 17:37

Најмалку 40 лица загинаа, над 550 се ранети во железничката несреќа во Аргентина

Најмалку 40 лица загинаа, над 550 се ранети во железничката несреќа во Аргентина
Најмалку 40 лица загинаа, а повеќе од 550 се повредени, откако преполн патнички воз денеска се удри во заштитната ограда на перон на железничката станица Онсе во Буенос Аирес, соопштија аргентинските власти.

Околу 30 лица се уште се блокирани во вагоните.

Аргентинскиот министер за сообраќај Хуан Пабло Скјави претходно изјави дека голем број патници се здобиле до тешки повреди, вклучувајќи и повеќекратни скршеници.

Возот во заштитната ограда удрил со брзина од 20 километри на час, при што предниот дел на локомотивата е уништен, а еден вагон од јачината на ударот влегол речиси шест метри во вагонот пред него. Според првичните информации причина за несреќата е дефект во сопирачките.

- Возот беше полн, а ударот беше стравотен, изјави еден од патниците за локалните медиуми.

На местото на несреќата во западниот дел на Буенос Аирес се испратени десетици амбулантни возила и хеликоптери, кои ги превезуваат ранетите во болниците.

Во судар на два воза во Буенос Аирес пред пет месеци загинаа 11 лица, а повредени беа повеќе од 200.




 

РУБРИКА Поврзани вести

Моментално нема вести кои се поврзани со оваа вест.


МРТ © 2010 - Сите права се задржани.