среда, 22 февруари 2012, 15:07
Девет авганистански ученици ренети во напад на НАТО
Во воздушен напад на силите на НАТО во провинцијата Нангархар во источниот дел на Авганистан, денеска ранети се девет ученички и домар на училиште, соопштија локалните власти.
- Училиштето изутринава беше нападнато од хеликоптер на НАТО. Девет девојчиња и домарот на училиштето се повредени, изјави портпаролот на провинциската влада Ахмад Зија Абдулзаи.
Четири од девојчињата се пуштени во своите домови откако им била укажана лекарска помош, додека пет од нив се уште се наоѓаат во болница, нагласи Абдулзаи.
Портпаролот на Меѓународните сили во Авганистан (ИСАФ) изјави дека до нив стигнале тврдења за напад врз училиште, но дека се уште работат на утврдување на нивната точност.
- Официјалните лица на ИСАФ се уште ги истражуваат овие тврдења, изјави портпаролот.
Меѓународните сили минатата недела признаа дека неколку деца се убиени при бомбардирање во североисточната провинција Каписа на 8 февруари.
Авганистанскиот претседател Хамид Карзаи ги осуди нападите и нареди истрага, потврдувајќи дека осум деца се убиени во овој напад.
Информацијата за нападот на училиште доаѓа во време на одржување на антиамерикански протести во Кабул и останатите градови поради палење на Куранот во американската воздухопловна база Баграм.