среда, 22 февруари 2012, 14:28
Кривична пријава и притвор за четворица кумановци осомничени за кражби на акумулатори
СВР Куманово заедно со кривична пријава до Основното јавно обвинителство Куманово ги предаде лицата Д.Н (30), М.П. (26), В.В. (21) и С.С. (20) сите од Куманово, поради постоење основано сомнение дека сториле 18 кривични дела, од кои 17 тешки кражби и една кражба.
МВР денеска соопшти дека пријавените во временски период од 19.11.2011 година до 25.01.2012 година, со намера за себе да прибават противправна имотна корист, на подрачје на град Куманово насилно отварале автомобили и тешки моторни возила од кои одзеле 23 акумулатори, две ЦД-радиа и разен алат се во вкупна вредност од 110.950 денари. Сториле и 9 кривични дела кражби кои се гонат по приватна тужба, при што одзеле 9 акумулатори во вредност од 34.500 денари.
Пријавените, одземените акумулатори ги продавале во отпад и по добиени оперативни сознанија на 25.01.2012 година, по наредба од Основниот суд Куманово од страна на полициските службеници од СВР Куманово извршен е претрес во отпад „Манто“ и со потврда за привремено одземени предмети се одземени акумулатори за кои е утврдено дека потекнуваат од кривични дела и истите со потврда за вратени предмети се вратени на оштетените.
Инаку, првопријавениот Д.Н. и второпријавениот М.П. се познати извршители на тешки кражби, кражби, како и разбојничка кражба, насилство и кривични дела од областа на недозволена трговија со дрога.
По спроведената истражна постапка од страна на истражен судија од Основен суд Куманово на пријавените им е одредена мерка притвор во траење од 30 дена.