Rss feed

Балкан

среда, 22 февруари 2012, 14:29

Неизвесно одржувањето на предвремените парламентарни избори во Грција

Неизвесно одржувањето на предвремените парламентарни избори во Грција
Роковите предвидени со новиот договор за помош на Грција ја намалуваат веројатноста дека парламентарните избори во земјата ќе се одржат во април, како што беше планирано, тврди во денешното издание грчкиот весник „Етнос“.

По склучувањето на договорот, според „Етнос“, Владата и политичките партии во Грција мора да се придржуваат кон роковите утврдени со пакетот-помош кој треба земјата да ја спаси од банкрот.

По вчерашната седница на грчката Влада беше соопштено дека процедурата за размена на државните обврзници во рамките на отпишувањето на дел од грчкиот државен долг најверојатно ќе заврши на 11 април.

Тоа значи дека има мала веројатност изборите да се оддржат на 29 април, а уште помала тоа да се случи на 8 април како што бара конзервативната партија Нова демократија, наведува „Етнос“.

Според весникот, распоредот на роковите во кои треба да бидат усвоени и реализирани одредени мерки во рамките на спроведувањето на планот се развлекуваат до јуни, по што „тројката“ инспектори на ЕУ, Европската центарална банка и Меѓународниот монетарен фонд ќе треба да го претстави својот извештај, а Владата да усвои дополнителни мерки за штедење во износ од 13 милијарди евра до 2015 година.

Грчкиот премиер Лукас Пападимос засега одбива да прецизира точен термин за спроведување на изборите, нагласувајќи дека одлуката за нивно одржување ќе биде донесена откако новиот договор ќе биде одобрен на Парламентот во Атина.

„Етнос“ нагласува дека некои грчки министри веќе отворено почнуваат да говорат за можноста Пападимос да остане на чело на Владата и во следните месеци, со што непосредно се посочува дека е можно да дојде и до одлагање на предвремените паламентарни избори.



 

МРТ © 2010 - Сите права се задржани.