среда, 22 февруари 2012, 14:27
Во Брисел почнаа преговорите меѓу Белград и Приштина
Нова рунда преговори меѓу Белград и Приштина започна денеска во Брисел. Главни теми на разговорите ќе бидат регионалното претставување на Косово и примена на постигнатите договори.
Шефот на српскиот преговарачки тим Борислав Стефановиќ изјави дека белградскиот тим пристигнува целосно подготвен за договор, кој ќе биде компромис од двете страни.
Тој рече дека е можно преговорите да продолжат и утре и истакна дека го искористил вчерашниот ден за широки консултации во Брисел и одржал постојан контакт со српската Влада и претседателот Борис Тадиќ.
Шефот на косовскиот преговарачки тим, како што јави Танјуг, утрово не била достапна за изјави за новинарите.
Дипломатски извори во Брисел изразија оптимизам дека и двата тима ќе постигнат договор за регионално претставување и ќе постигнат начелно договор за примена на договорот за интегрирано управување со премините.
- Се надеваме не на поволен, туку на многу поволен исход (од денешните разговори), изјави вчера неименуван дипломат од Европската комисија.
Сепак, пред почетокот на оваа рунда преговори двете делегации имаат значителни разлики во ставовите. Приштина го одбива барање на Белград во фуснота покрај името Косово да стои „резолуција 1244 на Советот за безбедност на ОН“. Во неодамнешна изјава косовскиот премиер Хашим Тачи прифати таков облик на претставување, но под услов да се спомене и декларацијата за независност од пред четири години.