среда, 22 февруари 2012, 11:51
Нови протести против мерките за штедење во Атина и Солун
Грчките синдикати за денеска најавија нови протестни собири пред зградата на Парламентот во Атина, како и во центарот на Солун.
Протестите се закажани за 16 часот на плоштадот „Синтагма“ во главниот град на Грција и се организирани од двата главни синдикати во приватниот и државен сектор ГСЕЕ и АДЕДИ, јави грчката телевизија „Антена“.
Причина за демонстрациите е гласањето по итна постапка на предлог-законот, со кој се предвидува намалување на платите и пензиите. Намалувањето на приходите е едно од барањата за одобрување на новиот пакет помош, со кој на Грција и беше доделен кредит во износ од 130 милијарди евра.
Во соопштението по повод протестите АДЕДИ ја обвинува Владата дека ги води работниците и општеството кон беда и мизерија.
Синдикатот ПАМЕ, пак, организира демонстрации на плоштадот „Омонија“ во центарот на Атина, како и во Солун.
Последните собири против новите мерки за штедење, наметнати од меѓународните кредитори во замена за финансиска помош на Грција, беа организирани во неделата.
До жестоки немири дојде за време на протестите на 12 февруари, кога грчкиот Парламент гласаше за дел од мерките утврдени со новиот план за помош на Грција.