среда, 22 февруари 2012, 17:01
Изненадно Лацио остана без тренер
Тотален хаос настана во составот на Лацио. 24 часа пред гостувањето на Атлетико Мадрид во натпревар од 16-финалето на Лигата на Европа, “орлите" останаа без тренер!
Едуардо Реја изненадувачки поднесе оставка и најави дека не гледа смисла да продолжи со својата работа во клубот. Стратегот како причина ги истакна тотално уништениот тим по зимскиот трансфер период и несогласувањата со претседателот Клаудио Лотито.
Медиумите во Италија велат дека сепак Реја ќе го изведе Лацио во утрешниот дуел со Атлетико, но сигурно ќе си замине од "Олимпико" потоа. Се уште не е јасно кој може да го замени тренерот.
Одлуката на Реја доаѓа како гром од ведро небо за навивачите на римскиот тим. Иако најверојатно ќе отпадне од Лига Европа, Лацио се претставува повеќе од силно во првенството на Италија. По 24 кола тие ја делат третата позиција на табелата со тимот на Удинезе со 42 поени.